МК

Платформата Онлајн сервисна служба нуди бесплатна поддршка за деца со попреченост. Нашите специјални едукатори и логопеди за секое дете ќе дизајнираат индивидуализирани планови за онлајн часови. За да овозможиме квалитетна поддршка тимот ќе одвои време да ги идентификува потребите на секое дете посебно.
Во периодот кој претстои ќе се стремиме да осигураме дека сите наши досегашни и нови корисници ќе ја добијат потребната грижа и поддршка.

Доколку не сте во можност да поднесете барање електронски, тоа може да го сторите и на следните телефонски броеви:
072275211 – македонски јазик
078282662 – македонски јазик
071989822 – албански јазик
Секој работен ден од 09-17 часот


Секое дете со попреченост има потреби кои играат значајна улога во неговиот развој. Во период на зголемени мерки за заштита од Ковид 19 и ограничено движење, најголемиот дел од сервисните служби беа принудени да ги прекинат услугите или да ги трансформираат и да ги нудат на алтернативни начини.

Здружението за асистивна технологија Отворете ги прозорците за да овозможи континуитет во својата работа со децата со попреченост, во партнерство со УНИЦЕФ, ја креираше платформата Онлајн сервисна служба, која нуди високо-квалитетна и индивидуализирана едукација за деца со попреченост. Преку платформата, во наредните три месеци, тимот на Отворете ги прозорците, во соработка со Креатива Исток и Логомедикус ќе испорачува четири вида услуги за деца со попреченост: индивидуализирана поддршка за користење компјутер и интернет, рана стимулација на развојот, логопедски услуги и советодавно-консултативна поддршка за родители/старатели.

Услугите се засновани на пристапот насочен кон личноста (person-centered approach) и имаат за цел да го поттикнат личниот развој на децата.

За кого е наменета оваа платформа?

Онлајн сервисната служба е наменета за сите деца со попреченост, како што се развојни дисфазии, аутизам, АДХД, Даунов синдром, деца со потешкотии во говорот и учењето како и деца со физички ограничувања како церебрална парализа и слично.

Придобивките од Онлајн сервисната служба вклучуваат:

• Овозможува учење од дома во распоред прилагоден со потребите на детето.
• Поддршка на развој на постојните вештини за читање, пишување и артикулирање зборови.
• Овозможува когнитивен развој за секое дете независно од нивните моментални способности.
• Ги охрабрува децата да станат активни ученици преку работа од дома.
• Воведува нови можности за учење во безбедно, поддржувачко опкружување.
• Балансирано и забавно учење!

Регистрација

Доколку сакате да го регистрирате Вашето дете за поддршка, Ве молиме пополнете барање. Регистрацијата може да ја извршите и преку јавување на приложените телефонски броеви, каде ќе добиете помош од нашите оператори за пополнување на барањето.
По пополнување на барањето, операторите ќе Ве поврзат со еден од нашите едукатори за да го закажете првиот час.

Нашиот тим на едукатори

Нашите едукатори се целосно квалификувани и исклучително посветени на своите професионални улоги. Во склоп на Онлајн сервисната служба ќе работат шест дефектолози и два логопеди. Тие со љубов и страст ја вршат нивната професионална улога и се горди што им помагаат на децата со попреченсот да го постигнат својот целосен потенцијал.

СПЕЦИЈАЛНИТЕ ЕДУКАТОРИ И ЛОГОПЕДИ
КОИ ВИ СТОЈАТ НА РАСПОЛАГАЊЕ СЕКОЈ РАБОТЕН ДЕН

Марија Цакиќ – Специјален едукатор
Драгана Дојчиновска – Клинички логопед
Нермин Шаќири – Клинички логопед
Блерта Аљиљи – Специјален едукатор
Маја Трајчова – Специјален едукатор
Данче Тодоровска – Специјален едукатор
Ана Китановиќ – Специјален едукатор
Ана Дончевска Пенчев – Специјален едукатор

Oтворете ги прозорците е единствената организација во Република Македонија и во поширокиот регион целосно посветена на промовирање на асистивната технологија. Од основањето во 2005 година, Отворете ги прозорците израсна во препознатлива и признаена организација што ја користи технологијата како алатка за поттикнување на инклузијата на лицата со попреченост.

Водена од визијата за свет на рамноправни и активни луѓе кои ја користат технологијата за личен развој, подобрување на квалитетот на животот и за добросостојба на заедницата, организацијата се стреми целосно да ја исполни својата мисија, односно со асистивната технологија да го поттикне и олесни активното вклучување на сите луѓе во современиот свет.